Замина фудбалскиот бог со далматински корени …

Марадона е бесмртен, – зборови со кои Златан Ибрахимовиќ се прости од Марадона, додека Пеле се прости со надеж и верба дека „повторно ќе играат фудбал горе на небото“ …

Замина Марадона. Не издржа неговото срце кое живееше 60 години во ритамот на фудбалската топка. Почина на 25 ноември, истиот датум кога почина и Фидел Кастро, неговиот голем пријател, поранешниот претседател на Куба. Последните зборови ги кажа во неговата Аргентина, во резиденцијата во околината на Буенос Аирес каде после забавувањето со неговиот внук, заминал да се одмори … Последното нешто кое го кажал е дека се пожалил на главоболка …

Многумина фудбаломани знаат многу нешта за Диего. За неговите фудбалски мајстории, ја знаат неговата виртуозност. Ги паметат неговите голови. Ги паметат неговите приватни лудории. Знаат (по нешто) и за неговата биографија, семејството, децата …

Мислам дека малкумина знаат дека прадедото на Марадона од страната на неговата мајка, кој се викал Матео Кариолиќ, е роден на островот Корчула во Далмација, сегашна Хрватска. Некаде во времето на турската империја или Австроунгарското владение на овие простори, каде тогаш припаѓала и Корчула, неговиот прадедо емигрирал во Аргентина. Таму Матео ја запознава и се жени со Аргентинката Салвадора, прабаба на Марадона по мајка му. Една од ќерките на Салвадора т.е. тетка на Марадона, го добила името Далма токму по хрватскиот регион Далмација. Истото име славниот ас и го дал на неговата најстара ќерка која Марадона ја крстил за да го сочува неговите дамнешни корени.

Низ моето другарување со фудбалот, и како дете, и како фудбалер, и како долгогодишен спортски новинар, и како ревизор, Марадона го паметам по многу нешта. Еден и единствен, бестрашен, без влакно на јазикот. Можеби контроверзен за некои нешта, но секогаш правичен и недвосмислен. Знам (и паметам) кога имав 16 години дека тогашниот селектор на аргентинската репрезентација Луис Цезар Меноти не го зеде во поширокиот состав за „мондијалот“ кој се играше токму во Аргентина во 1978 година. Година дена подоцна, со само 19 години, Марадона стана светски младински првак со Аргентина.

Во 1986 година тогашниот селектор на Аргентина, Карлос Биљардо му ја даде капитенската лента. Марадона му врати со титулата светски првак и „Божјата рака“ со која му даде гол на англискиот голман Питер Шилтон.

Првата средба во живо со Марадона ја имав на мојот прв „мондијал“ во Италија 1990 година. За седум дена го гледав двапати во живо. Во полуфиналето против Италија во Неапол каде Аргентина ја елиминираше Италија после изведувањето пенали. Го гледав и во финалето во Рим против Германија која тогаш ја предводеше Франц Бекенбауер. Германците победија со 1-0, со голот на Андреас Бреме постигнат од пенал 5-6 минути пред крајот на натпреварот. Сликата на големиот видеобим на стадионот „Олимпико“ каде Марадона плачеше со покриени раце на лицето додека Германците му се радуваа на пехарот на Жил Риме е слика за вечно сеќавање.

Марадона играше и на наредниот „мондијал“ во САД 1994 година, но немав среќа да ни се вкрстат патиштата. Во 2005 година кога заедно со Димитар Мице Ташев бев на финалето на Лигата на шампионите кое се играше во Истанбул, Диего Марадона беше специјален гостин. Навивачите лудуваа по него. Во негов стил, Марадона се симна од свечената ложа на трибините кај навивачите, долу на платото, а ние акредитираните новинари сето тоа го следевме од новинарската ложа и прес-центарот. Амбиент и атмосфера која се случува само со Марадона …

Во 2010 година го следев „мондијалот“ Јужна Африка 2010 од почеток до крај. Марадона овој пат беше селектор на аргентинската репрезентација. Имаше силен состав со Меси. Среќата повторно не беше на моја страна. Бев стациониран во Јоханесбург, отидов двапати во Преторија (60 км од Јоханесбург) и еднаш во Нелспруит (450 км од Јоханесбург), но Аргентина не играше тогаш … Нејсе, навивав отворено за „Војската на Марадона“, како што тогаш пишував во моите јавувања за порталот „СКОК“.

Марадона замина, а фудбалскиот крал Пеле се прости со емотивна порака, со надеж и верба дека двајцата повторно ќе заиграат фудбал горе на небото … Патем, двајцата се родени во месец октомври – Марадона на 30 октомври 1960 година, Пеле на 23 октомври 1940 година.

Пораката со која Златан Ибрахимовиќ се прости од фудбалскиот бог е дека „Марадона е бесмртен“ …!!!

Самиот Марадона, во една прилика има изјавено:

Кога ќе умрам, сакам повторно да се родам и повторно да бидам фудбалер. И, повторно саскам да бидам Диего Армандо Марадона. Јас сум фудбалер кој им донесе радост на луѓето и тоа е сосем доволно за мене …

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register