На литар кригла пред „Wanda Metropolitano“ …!!!

Фудбалското вриење во Мадрид доминира со англиски мирис, нормално, кога во финалето играат Ливерпул и Тотенхем, двата англиски фудбалски великани кои ќе се судрат на новиот фудбалски храм „Wanda Metropolitano“, ме прави среќна и горда што по четврти пат сум во живо на финалето на Лигата на шампионите …

 

Наташа Петровска Дургутов
(Известувач на „СКОК“ од Мадрид)

 

Атина 2007, Милан-Ливерпул, финале – како да беше вчера …!!! Го нема Рафа Бенитез на клупата на Ливерпул, ама во Мадрид сум повторно пред нивните навивачи кои ми го стегнаа грлото со нивната химна „You will never walk alone“ … Два дена пред големото финале, се шетам низ Мадрид и ги слушам фановите на Ливерпул, ги има на секој чекор. Не дека ги нема оние на Тотенхем, арно ама, овие од „пристаништето“ се повидливи …

Заминувам на стадионот, ја подигам новинарската акредитација на „СКОК“, четврта по ред. По Атина 2007, со „СКОК“ бев во Москва 2008 (Челзи-Манчестер Јунајтед), па во Рим 2009 (Барселона-Манчестер Јунајтед) … Некој ќе рече: „Не е многу“, јас ќе додадам – не е ниту малку, нели? Да си дел од ваков спектакл, секако, е престиж, гордост, среќа, радост … Да си известувач од лице место на финалето на Лигата на шампионите во годината кога нема Европско или Светско фудбалско првенство, секако, тоа е фудбалски настан број еден во таа година.

Просторот околу стадионот „Wanda Metropolitano“ е широк, обезбеден, мириса на ново. Се гледа дека недостасува малку сенка, дека не е се скоцкано, дека треба уште малку шминкање. Квартот каде е сместен е нов, елитен, со нова архитектура. Од височината на стадионот се гледа се тоа. Наоколу има и кафулиња кои се подготвени за навивачите кои ќе бидат тука за два дена, сепак, блиску до местото на судирот на финалистите. Криглата пиво ќе ги чини 10 евра …!!! Нема тука местенка, се е прецизно, убаво, јасно напишано на таблата пред кафулињата. Да не се буните, не станува збор за кригла 0,5 литри, стандардна по македонски критериуми, туку за – литарска …!!! Литар пиво – 10 евра!!! На денот на финалето, стотина метри пред стадионот, и не е толку скапо, нели?

Поскапо е ноќевањето во Мадрид. Цените скокнаа, заради фудбалот. Со фамилијата одвоивме повеќе за пет ноќевања, отколку за авионски превоз Скопје-Будимпешта-Мадрид-Софија, и за такси Софија-Скопје. Имавме среќа да се сместиме во иста улица со навивачите на Ливерпул. Уживавме на лице место во нивните спектакуларни и маестрални навивачки хирови …

Според нивното однесување, чинам, Ливерпул е веќе – победник …!!!

 

ПЕСНА НА PUERTA DE SOL
Навивачите на Ливерпул и Тотенхем ги има на стадионот два дена пред натпреварот, велат во потрага по ексклузивен „златен“ билет. Центарот на градот е украсен во црвено од Ливерпул и бело од Тотенхем, а навивачите се собраа на плоштадот Puerta de Sol, центарот на стариот дел на Мадрид и фонтаната „Чибеле“ каде што Реал Мадрид го славеше трофејот на Лигата на шампионите со своите навивачи.

 

ЗАБАВА НА СЕКОЈ ЧЕКОР
Улиците, плоштадите, рестораните и баровите се преплавени со навивачи кои ќе ги бодрат Ливерпул и Тотенхем. Тие се забавуваат во центарот на градот. Низ улиците, пред фан-зоните и плоштадите е распоредена полиција, со околу 4.000 припадници. Скоро насекаде во центарот на градот има и екипи на Брза помош.​

 

100.000 АНГЛИЧАНИ ВО МАДРИД …!!!
Се очекува дека на финалето во Мадрид на стадионот со капацитет од 68.000 места ќе присуствуваат околу 30.000 навивачи од Англија. Се претпоставува дека бројот на оние што ќе допатуваат без влезница ќе биде многу поголем. Според некои проценки, во Мадрид на денот на финалето ќе има околу 100.000 навивачи на двата англиски клуба од целиот свет.

РЕД ЗА КУПУВАЊЕ СУВЕНИРИ
Во Мадрид UEFA има отворено официјална продавница со сувенири посветени на финалето. Видовме редици пред продавницата во центарот на градот, посетителите трпеливо чекаа за да купат сувенир, дрес, топка, шал …  со знакот на „Мадрид 2019“.

 

ПРИВЕДЕНИ НАВИВАЧИ
Шпанската полиција приведе четворица британски државјани пред финалет, пренесува Anadolu Agency (AA). Шпанските власти објавија дека четирите лица се приведени поради напад врз полициски службеници.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register