SUPERCUP SKOPJE 2017 – ДОКАЗ ДЕКА МАКЕДОНИЈА НИКОГАШ НЕ БИЛА ФУДБАЛСКА ПРОВИНЦИЈА

Добар ден, среќен ден …

Првите денови од август 2017 господово лето сите патишта водат кон Скопје, кон Република Македонија, кон главниот град на нашата држава, кон тревата на фудбалскиот храм сместен во Градскиот парк … Причината е мегданот на столетието Manchester United & Real Madrid … Или, ако сакате, UEFA SUPERCUP SKOPJE 2017 …

Пишувајќи се потсеќа: Мијалче Дургутов

„Доме слатки доме“ – има ли нешто поубаво на свој терен да ја ставиш новинарската акредитација околу вратот и да се прошеташ на просторот околу стадионот каде си ги „отепал“ последните 30 години од својот живот …???

Да, после сите мои патешествија низ белиот фудбалски свет, присуството во Гдиња, Полска на EURO Under 21 каде играше и нашата репрезентација, нели, ми беше драг, најдраг настан. Иако во Полска бев кусо време, националните боцки од настапот на нашите фудбалски лавчиња и сега ми ја ежи кожата. Поздравувањето со селекторот Благоја Боби Милевски за време на press конференцијата во Гдиња ме врати во убавите минати фудбалски години …

Деновиве, пак, шетајќи се на затвореното (празно) плато пред јужната трибина со сопругата и најмалиот син Петар, гледајќи кон некогашниот (стар) влез за акредитираните новинари лоциран на тесната вратичка под јужна, пи капна солза радосница … Луѓе, свесни ли сме дека сега имаме фудбалски стадион со кој треба да се гордееме? Свесни ли сме дека храмот на кој тревата деновиве ја газат Роналдо, Рамос, Зидан, Марсело, Модрич … Па, Мурињо, Мата, Матиќ, Де Геа, Погба … е центарот на светот?

Новинарската акредитација, за првпат во мојата 30-годишна спортско-новинарска кариера, ми ја додели наш човек, волонтер на UEFA – Zlatko Kitanoski!!! Сериозно ми вели (иако секое утро пие кафе со мене) – „Господине Дургутов, ве молам вашиот ID документ …“!!! Го вадам пасошот, а тој културно дополнува: „Дајте ми ја вашата лична карта“!!!

Еј, чудо, после седум присуства на „мондијалите“, после шест Европски фудбалски првенства, после известувањата од 10 финалиња на Лигата на шампионите, најубавото нешто го доживувам дома, на свој терен, во Скопје, во Македонија, во нашата држава …

Сакам да напишам, оти имам право на тоа, дека фудбалско Скопје и нашиот храм, стариот ни градски стадион, не е ништо послаб со сите нишани од оние во Рим, Милано, Франкфурт, Минхен, Марсеј, Истанбул, Атина, Москва, Мадрид … Нашиот градски, со нашите луѓе, е рамен и на сите оние настани на кои сум бил во Америка, Бразил, Јапонија, Јужна Африка …

Од UEFA добивме информација дека во Скопје е пристигнат и Сер Боби Чарлтон. Тука е и Сер Алекс Фергусон. Дојден е и Карлос Алберто. Не сум сигурен дали е стигнат и Џанлука Вијали? Мислам дека ќе дојде и Ги Ру и Хорхе Валдано … Сите тие имиња сум ги среќавал низ белиот свет. Сега се тука, кај нас, дома. Со Боби Чарлтон правев интевју за „СКОК“ во Бирмингем (1995), Фергусон го имавме пред себе во Рим (2009), претходно и во Москва (2008). Со Вијали зборував во Мадрид (2010). Хорхе Валдано го сретнав и разговарав на стариот Вембли (1996). Сите тие се коментатори, промотори, славни личности во функција на фудбалската игра. И, сега, се тука, КАЈ НАС ДОМА.

На прес конференцијата на Зинадин Зидан, новинарката на „СКОК“ Наташа Петровска му посака добро дојде на Зидан во македонија и му постави прашање. Славниот ас не заборави прво да одговори: „Buenos graсias“!!! Момент што не се заборава, никогаш.

Зинадин Зидан го гледав во живо на Светското фудбалско првенство France 1998, кога Французите станаа светски прваци. Го гледав тој „мондијал“ од почеток до крај, од свеченото отворање до финалето против Бразил (3-0).

Го гледав Зидан, секако, во живо на на светското фудбалско првенство Germany 2006 кога го направи тој неславен потег со Италијанецот, Матераци. Никој денес не се сеќава на тоа. Зошто? Затоа што Зизу е поголем од тој немил настан што се случи на финалето, затоа што е питом и кроток како јагне. На тренингот на градски, ден пред натпреварот, ја галеше топката пред своите пулени и им ја сервираше за шутирање … Како во неговите најдобри времиња … Милина повторно да го гледаш … МИЛИНА …!!!

Жозе Мурињо ми е во убав спомен од финалето на Лигата на шампионите во Мадрид (2010). Го прашав на пресот на „Сантјаго Бернабе“– дали Горан Пандев ќе игра од почеток? Ми одговори маестрално, исто како што сега му одговори на колегата Зоран Мишевски на пресот во Скопје, на истата тема – Горан Пандев. Тој Мурињо, за мене, е врв на тренерската интелигенција кога се во прашање новинарите, нивните прашања и одговори. Да не заборавам, со него „се судрив“ и во Гелзенкирхен (2004) на финалето на Лигата на шампионите кога го водеше Порто. Го победи Монако со 3-0. Тоа беше почеток на победничката ера на Жозе Мурињо …

Драги мои, ние сме домаќини на SUPERCUP SKOPJE 2017. Во Скопје слетаа фудбалски личности кои на берзата вредат повеќе од годишниот буџет на нашата држава. Тоа е факт. Тука нема мислам, не мислам. Туку треба експлицитно да знаеш. И, ние не треба да се срамиме или бегаме од тој факт дека сите фудбалски личности и фудбалери кои слетаа на нашиот аеродром, во сурови пари тежат повеќе од нашиот годишен буџет, мислам од буџетот на држава Македонија, и тоа со – ребалансот!!!
Бидете ми живи и здрави, и ужувајте во фудбалската игра вечерва (20,45 часот). За мене победник на овој дуел е – МАКЕДОНИЈА!!!

Забава во фан-зоните

Vamos Real!“ и „Come on, Manchester!“, се навивачките повици со кои фановите ги бодрат своите тимови. Сите предвидуваат победа за своите фаворити, а секоја прогноза ја залеваат со нова тура ладно пиво – главниот еликсир за 40-те целзиусови степени во Скопје. На таква температура „црвените ѓаволи“ и „кралевите“ вчера ги одржаа и првите тренинзи и прес-конференции.

ТВ пренос на 300 телевизии и со 200 држави
Мега-спектаклот вечерва ќе го следат 300 ТВ-куќи од над 200 земји. Преносот од натпреварот кој започнува во 20, 45 часот се очекува да го следат меѓу половина и една милијарда гледачи, со што ќе биде втор најгледан настан по летната Олимпијада во Рио.

100. 000 апликации за билети
За билети за овој спектакл аплицираа околу 100.000 луѓе, а лотаријата одреди кои од нив ќе имаат можност да го следат Суперкупот во Скопје, во националната арена „Филип Втори“, која минатата година беше преименувана во „Телеком арена“. Нејзиниот капацитет за 33.460 гледачи ќе биде исполнет до последно место. Од нив 7.680 места им припаднаа на македонски граѓани, речиси по толку и за навивачи од Шпанија и Англија.

Горан Пандев (не)доаѓа …!!!???

Неизвесно е дали на истата трибина ќе седи и македонскиот репрезентативец Горан Пандев, кој е амбасадор на годинашново издание на Суперкупот. Поради обврските во Џенова и подготовките за новата сезона, тренерот Иван Јуриќ не му дозволил на Пандев да замине за Скопје.
„Приватните авиони прават чуда. Може да дојде пред, и да замине веднаш по натпреварот“, пријателски сугерираше на прес-конференција шефот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо.

Роналдо (не)игра !!!???

Дилема е дали на теренот вечерва ќе заигра Кристијано Роналдо. Тренерот на Реал Мадрид , Зинедин Зидан не го задоволи љубопитството на јавноста кога на пресот рече:
„Тоа што Кристијано е денес со нас, има големо значење. Тој е тука за да игра, но за тоа ќе одлучам на денот на натпреварот.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register