Петта димензија
ДОБРО УТРО МОСКВА …
На прагот на осмото Светско фудбалско првенство во мојот журналистички опус, кога во „ретровизорот“ ги гледам Рим, Лос Анѓелес, Париз, Јокохама, Берлин, Јоханесбург и Сао Паоло, срцето ми заигрува, душата ми се отвора, емоциите навираат, инспирацијата доаѓа како бурата од морето – ДОБРО УТРО МОСКВА …
Пишувајќи се потсеќа: Мијалче Дургутов
Периодот кога татко ми се бореше за животот, утрата се будев со помислата дали ќе биде подобро со него? Низ главата ми течеше мислата исткаена со желба да остане на овој свет, заедно со сите нас, и за време на Светското фудбалско првенство Rusia 2018 година … Татко ми Ристо Дургутов беше еден од моите најголеми поддржувачи и навивачи кога беа во прашање моите патешествија низ белиот свет поврзано со фудбалот … Во емисијата „Спортски сеќавања“, направена со него од новинарот Ѓорѓи Ѓиров, емитувана пред десетина години на штипската телевизија “Стар“, прашан и за неговиот син, татко ми рече: „Ех, Ѓорѓи, каде се нема отидено до сега со тој фудбал, Господ знае … Го влече тоа, го сака тоа и има ген, нели“ …
Деновите на почетокот на „мондијалот“ во Русија се бележат шест месеци од денот кога почина татко ми. За жал, овој пат ќе го нема меѓу нас за време на најголемиот фудбалски празник, како што досега бил во претходните 28 години … Вечен помен за него, за татко ми, за поранешниот голман на штипските фудбалски клубови Текстилец и Брегалница …
Подготовките за моето 8-мо по ред Светско фудбалско првенство почнаа со завршувањето на претходното во Бразил. Тоа е непишано правило по кое се владеам и кое ме носи напред. Гостувањето на Телевизија Канал 5 и интервјуто за Неделникот „Република“ направено од спортскиот новинар Зоран Поповски – Зоќи Поќи, непосредно по завршувањето на бразилскиот „мондијал“ и насловот „Светскиот патник кон атак на рекордната осумка“ беа убава најава за ова што сега доаѓа …
Средбата, пак, со мојот другар Тони Киров, штипјанец со кого игравме фудбал во пионерско-младинската школа на ФК Брегалница (1976/1980) ја отвори широко мојата осма мондијалска врата. Во штипската кафеана „Кај Заќи“, другар ми Тони во негов стил – проектилски – ми рече: „Дуди, доаѓај во Москва, јас сум ти твојот водич-шерпас и се ќе сторам за тебе што треба. Кај мене влегуваш на голема врата, кога сакаш и со кого сакаш“! Инаку, Тони-Проектилот (прекар што го доби шутирајќи слободен удар од 40 метри) е жител на Москва повеќе од 20 години. Работи на својата струка и навива за Локомотив Москва, со навивачка членска книшка од пред 15 (и кусур) години … Годинава слави шампионска титула на неговите миленици кои ја освоија руската лига.
Недела дена пред почетокот на „мондијалот“ Rusia 2018, на прагот на осмото Светско фудбалско првенство во мојот журналистички опус, кога во „ретровизорот“ ги гледам Рим, Лос Анѓелес, Париз, Јокохама, Берлин, Јоханесбург и Сао Паоло, срцето ми заигрува, душата ми се отвора, емоциите навираат, инспирацијата доаѓа како бурата од морето … Како се да почна вчера, а не во 1990 година на римски „Олимпико“ кога ги гледав „Солзите на Марадона“ (текст за првото финале). Германија ја победи Аргентина со 1-0, со голот на Андреас Бреме (пенал во финишот). Претходно го гледав полуфиналето во Неапол каде Аргентинците ги елиминираа Италијанците после изведувањето на пеналите …
Од тогаш, па до денес, се нанижаа финалињата во Пасадена, Лос Анѓелес каде Роберто баџи и Франко барези шутираа од пенал над пречата, па Бразилците предводени од Ромарио и Бебето, со Дунга (капитен), Роберто Карлос и Кафу станаа светски прваци. Гледав фудбал и на двата брега – на источниот во Њујорк, на западниот во Лос Анѓелес. На враќањето дома ја имав таа среќа да бидам во истиот авион со комплелтната бугарска репрезентација која на тој „мондијал“ го освои 4-то место. Генерацијата на Стоичков, голманот Михајлов, Балаков, Сираков, Трифунов, Лечков … Бугарите ги победија Германците во четвртфиналето што беше најголема сензација на тоа првенство …
Во Франција 1998 година гледав вкупно 16 натпревари, од свеченото отворање до финалето. И двата натпревари се играа на тогашниот новоизграден стадион „Сен Дени“ во Париз. Тоа светско првенство, исто како и Germany 2006 и South Africa 2010, ги покрив од почеток до крај. Во Франција патував до Тулуз, Бордо, Марсеј. Во Јужна Африка бев до Преторија и Нелспруит. На двата „мондијали“ гледав по 16 натпревари за 32 дена. Во живо, разбира се, нели?
Во Јапонија 2002 година имав среќа, покрај финалето, да го гледам натпреварот Англија-Бразил на кој славниот голман Дејвид Симан прими пацерски гол од Роналдињо. Го гледав и натпреварот за третото место каде играа Турците, нивни најголем успех.
Во Германија 2006 година поминав 15.000 километри со воз за 32 дена. Франц Бекенбауер, како официјално лице на FIFA и претседател на Организациониот комитет, потпиша договор со државната железница на Германија, па благодарејќи на тоа акредитираните спортски новинари се возеа бесплатно низ целата држава. Секаде се стигнуваше брзо и точно. Бев сместен во Мајнхајм, односно Лудвигсхафен, мал град преку реката Мајна која тече непосредно покрај главната железничка станица.
Последниот „мондијал“ во Бразил го поминав прекрасно и удобно. Бев сместен во Mongagua, град на 40 минути патување од мегаполисот Сао Паоло. Го гледав отворањето на „мондијалот“ Бразил-Хрватска (3-1). Потоа и Уругвај-Англија. Бевме до Коритиба на југ, па и до Рио де Женеиро на север. Се „поздравив“ со статуата на Исус Христос, се избањав на славната плажа Копакабана, гледав фудбал Белгија-Русија. Рио ми остана во вечно сеќавање …
ДОБРО УТРО МОСКВА … СЕ ВРАЌАМ НА „ЛУЖНИКИ“ ПОСЛЕ 10 ГОДИНИ … СЕГА Е НОВ … НА СТАРИОТ СТАДИОН ГЛЕДАВ ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ ЧЕЛЗИ-МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД (2008) … СЕ ШУТИРАА ПЕНАЛИ ЗА ПОБЕДНИК …