АРГЕНТИНА ПРВ РЕД – МЕКСИКО ПОСЛЕДЕН РЕД …!!!

Уметноста на Коларов, Модриќ не е Меси, самба на Зубер, два гола на Лукаку,  спасоносецот Кејн … А, Роналдо игра ли на „мондијалот“ или само дава голови …!!!??? Сампаоли нема поима од фудбал, спортските новинари од Бангладеш прашуваа за нашиот Џиџи … И, сега, ајде ти снајди се на Rusia 2018 година кога FIFA те „шета“ од првиот аргентински ред до последниот мексикански воз … Да те видам …!!!

Мијалче Дургутов,
Специјален известувач на „СКОК“
World Cup Rusia 2018

Турбуленциите на лето на Aeroflot од Софија до Москва само ја зголемија треската што ја чувствував при заминувањето на мојот осми „мондијал“. До душа, авионот се тресеше малку повеќе отколку што требаше, арно ама кога прочитав што се им се случило на репрезентативците на Саудиска Арабија кога летале внатре на руска територија, со го м`снав тоа пивото ептен со мерак …

Нејсе – „мондијалот“ почна со руската петарда која ја искина мрежата на Саудиска Арабија. Ги следев Русите низ комплетниот подготвителен период, на последната пријателска против Турците неколку дена пред мондијалскиот старт, око не тргнав од телевизопрот. Одиграа очајно. Ама, не вика џабе Христо Стоичков дека „на пријателски мачове точки не се добиваат“ … !!! Русите си добија три точки (бодови, де) и така си ги потпалија своите навивачи …

Во Москва се чувствував како во Italy 1990 година. На секој чекот знамиња и логоа од „ЧЕМПИОНАТ МИРА ПО ФУТБОЛУ FIFA 2018 В РОССИИ“. Од Шереметјево, преку руското метро и Црвениот плоштад до Лужники и неписмените може да прочитаат дека тука се дешава светскиот настан број еден во годината која тече … ЛУДНИЦА …!!!

Подигањето на новинарската акредитација помина како првата кригла „Кај Вршац“ среде пладне. Дуото Дургутови – мојата маленкост и мојата поубава половина – го почнаа својот прв заеднички „мондијал“. Сега, навистина, Наташа одма почна да се интересира за колку време може да се стигне до воз до Катар и дали има редовна прекуокеанска линија Бар-Бостон, ама таа тема трпи време … Ете, во тој котекст стигна и првата покана за „мондијалот“во 2026 година од пријателката Diana Gonzalez, инаку Мексиканка со која се запознав на Wembley 2011 година …

Покрај петардата на Русите „мондијалот“ го оддбележаа уште неколку моменти кои остануваат како шлагворт за неговото следење во идните 25 денови. Голот на Србинот Коларов против Костарика ќе влезе во „Топ пет“ погодоци, секако. Тоа е фудбалска уметност која ја измислиле Балканците. Дека Балканот врие од фудбалски мозоци потврди и Лука Модриќ. Зз аразлика од Меси, нашиот си го даде пеналот против Нигерија и закачи три бода на салдото. Аргентинецот играше добро против Исланд. Ние уште подобро го видовме тоа бидејќи имавме луда среќа, па FIFA ни додели Media Ticket за првиот ред во новинарската ложа, на само метар зад аргентинската клупа за резервни играчи. Се отепавме гледајќи во Сампаоли кој, рака на срце, ја водеше репрезентацијата повеќе на среќа и интиуција, отколку со чувство нешто да смени во текот на играта. Исланд си одигра мондијалски, машки, умно, тврдо, со барикада на Меси. Им успеа да не примат втор гол, и сега нека му ја мислат Аргентинците …

На натпреварот Германија – Мексико добивме  Media Ticket за последниот ред. Додека навиваме за Мексико, еден од колегите не прашува дали сме од Мексико? Кога му рековме дека сме од Македонија – како неарен се развика „Каде е Џиџи? Што прави?“ Спорт6скиот новинар беше од Бангладеш, земја каде нашиот Никола Илиевски – Џиџи беше селектор на репрезентацијата …

Натпреварот Германија – Мексико си го уживавме, баш во буквална смисла на зборот. Како само навиваа Мексиканците за својот национален тим … Тоа не се опишува. Можеш само да го видиш и доживееш. Германските навивачи предеа како мачиња на Лужники … !!! Спортската среќа посака Мексико да го победи актуелниот светски првак. И, тоа е – „мондијал“!!!

Да не заборавиме да кажеме збор-два и за самбата која Швајцарецот Зубер им ја одигра на Бразилците кои, веројатно, се родени само за пријателски натпревари. Белгиецот Лукаку си даде два гола на едне натпревар, мислам само еден помалку од Роналдо. А, тој Португалецот играше ли против Шпанија? Или, само даваше голови …!!!???

За Англичанецот Кејн – знам. Одигра добро против Тунис и даде два гола. Честито.

Ние малку ќе одмориме на скопска трева. Чисто да видиме како изгледа „мондијалот“ на ТВ екраните. Колку да не ми кажуваат другите дека – добро се гледа … за кусо, се враќаме назад на   „ЧЕМПИОНАТ МИРА ПО ФУТБОЛУ FIFA 2018 В РОССИИ“. Сепак, мислам дека од првиот аргентински ред или од последниот мексикански подобро се гледа … Без оглед што FIFA сака да не измори уште на почетокот, па не шета нагоре-надоле …

П.С. НА РУСКИТЕ АЕРОДРОМИ ИМА ПРИОРИТЕТНА ЛИНИЈА ЗА ВЛЕЗ И ИЗЛЕЗ НА СИТЕ АКРЕДИТИРАНИ СПОРТСКИ НОВИНАРИ … ДОАЃАТЕ БРЗО, СО ЗАМИНУВАТЕ БРЗО, СЕ ВРАЌАТЕ НАЗАД БРЗО …

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register