НА СКОПСКА ТРЕВА, СО МИСЛИТЕ ВО ТБИЛИСИ …!!!
Репрезентациите на Македонија и Грузија (ќе) играат меѓусебно двапати за месец дена, но за разлика од актуелниот дуел во Скопје, оној во Т`билиси (12 ноември) кој ќе решава за пласман на EURO 2021, е поважен дури и во мислите на нашите фудбалери
Среќата или спортската судбина сакаше репрезентациите на Македонија и Грузија да играат двапати меѓусебно во период од помалку од 30 дена. Двата дуели се во рамките на Лигата на нациите, но овој во Скопје кој се играше за бодови, е помалку важен од наредниот кој ни претстои во Тбилиси (12 ноември), а кој директно решава за пласман на EURO 2021. Со таква концепција и размислување, нашите репрезентативци одиграа само нерешено (1-1) против Грузија во Скопје. На овој натпревар кој се играше без присуство на гледачи, на скопската трева мислите на нашите фудбалери беа насочени кон Тбилиси …
Самиот тек на натпреварот го покажа тоа. Резервирани беа и двете репрезентации. Очигледно, двајцата селектори добро знаат дека и бод од скопскиот дуел е доволен за продолжување на надежта во овој циклус на Лигата на нациите (група Ц). Но, дека пораз во наредниот дуело, финалето во Тбилиси кое ќе решава кој ќе игра на Европското фудбалско првенство идната година, е далеку поважен. Во таква атмосфера, и шансите на двете страни се броеја на прсти.
Македонската репрезентација имаше повеќе посед на топка, играше организирано и дисциплинирано. Но, главно беше да не се прими гол, а ако дадеме, уште подобро. Емоциите се размрдаа во 67 минута кога нашиот голман Столе Димитриевски излезе далеку од својот гол и надвор од 16-от. Направи непромислен потег (игра со рака) и заработи – црвен картон …!!! Лошо, лошо з а нашиот тим. Мораше да ја напушти играта, а го замени Шишковски, со тоа што играта ја напушти Несторовски. Македонија остана со играч помалку.
Во таква ситуација, нововлезениот фудбалер во тимот на Грузија, талентираниот и вреден Кварцкелиа ја измеша нашата одбрана на левата страна, влезе како шило пред нашиот гол и донесе водство на Грузијците. Молк и во новинарската ложа …!!! Што и како сега? Како понатаму до крајот? Се играше 74 минута од натпреварот.
Фортуната беше, сепак, на наша страна. И, квалитетот, и желбата, и упорноста. На крајот се исплатеше. Се играше судиското продолжување (90 +3 минута), судијата Франковски досуди пенал за нас. Во тие моменти Пољакот кој го судеше овој меч, беше наша омилена личност. Се додека Алиоски не го реализираше пеналот, и му го презеде приматот … Сигурен од 11 метри ја затресе мрежата на Грузијците и стана миленик на сите нас. Бод за добра атмосфера и увертира пред гостувањето кај истиот противник во Тбилиси, што се вели на негов терен.
На крајот, „И волкот сит и овците на број“…!!! Со мислите сме веќе на грузиска територија …