Македонија се пласира на EURO 2021 …!!!

Во финалето на „Лигата Д“ од рамките на Лигата на нациите, македонската фудбалска репрезентација со голот на Горан Пандев ја победи Грузија во Тбилиси и се пласира меѓу најдобрите 24 репрезентации на европскиот континент

Македонскиот фудбал испиша нова страница од својата историја. Во финалето на „Лигата Д“ од рамките на Лигата на нациите, македонската фудбалска репрезентација со голот на Горан Пандев попладнево ја победи репрезентацијата на Грузија во Тбилиси и се пласира меѓу најдобрите 24 репрезентации на европскиот континент. Славјето е големо. Тоа е успех кој засекогаш ќе се памети. Прв историски пласман на „А“ репрезентацијата на еден голем фудбалски настан како што е Европското фудбалско првенство кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули 2021 година.

На дуелот против Грузија нашиот селектор Игор Ангеловски се реши за формацијата 3-5-2. Популарниот Мрме и го уфрли Бејтулаи во последната линија, а Несторовски и Пандев дејствуваа во нападот. Генерално, Грузијците почесто ја имаа топката во нозете, беа поагресивни, но не креираа зрели шанси. Ние се потпревме на инвидуалните потези на  Елмас, нашиот најрасположен фудбалер на овој натпревар.

После 20 минута во првото полувреме, нашиот тим ја презеде иницијативата. Но, и во такви околности, првата вистинска закана ја упати Окриашвили во 28. минута, иако неговиот удар од дистанца Димитриевски го одбрани. Истиот фудбалер три минути подоцна се обиде од мртов агол, но ударот заврши над голот.

Во 33-та минута Грузијците профитираа по еден карамбол и на Казаишвили му се укажа шанса за гол, но биеше млако. Во 34-та минута нашата најголема шанса ја имаше Пандев, кој биеше со глава, но Лориа се испружи и со парада спаси чист гол. Со блага надмоќ на домаќинот, но наша најзрела шанса првиот дел заврши без голови.

Вториот дел започна со поинаква енергија и по само десет минути Елмас, Пандев и Несторовски ја измешаа грузиската одбрана и капитенот го матира Лориа за предност од 0-1. Тоа беше вонсериска акција со брзи додавање на кои претходеше маестрален дриблинг на Елмас. Реализацијата беше во голем стил. Пандев ја прими топката на десна нога, ја легна на тревата и со левата нога ја пласираше во голот на Грузијците. ЕКСПЛОЗИЈА …!!! Радост за водство на нашиот тим. Ефектен гол кој донесе огромна предност за нашиот тим.

Николов во 62. минута беше преагресивен во влечењето за дрес и се најде во бележникот на Ентони Тејлор. Во 66. минута Елмас имаше шанса, добро шутираше, но топката заврши за малку крај дирекот на Лориа. На средина од вториот дел повредениот Адеми кој дотогаш лавовски се бореше и многу опридонесе во нашата игра, го напушти теренот и беше заменет со Спировски.

Елмас во 75. минута пак ја измеша одбраната на Грузија, биеше со левата нога, но крај дирекот. Вајс се обиде со замени да ја раздвижи домашната селекција, но Димитриевски во вториот дел немаше интервенција.

Нашиот селектор Ангеловски го внесе во игра Костадинов наместо Николов (83 минута) и го освежи средниот ред. Грузијците целосно се испразнија, немаа веќе сила за ништо повеќе, а Македонија го приведе натпреварот кон крај со историска победа.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register