Супер вест за мак-фановите: Негативен ПЦР-тест и неограничен престој во Букурешт за ЕП
Македонските фудбалски фанови кои ова лето имаат желба да ги бодрат момците на Игор Ангеловски на ЕУРО 2020, добија одлична вест.
Имено, сите македонските државјани кои ќе ги следат натпреварите на нашата репрезентација во Букурешт ќе можат да влегуваат во Романија со негативен ПЦР тест кој ќе биде валиден за време на целиот престој во Букурешт. Она што беше од суштинско значење за нас – правилото од три дена, согласно кое при престој во Романија, македонските државјани требаше да ја напуштат земјата пред истекот на 72 часа, е поништено и веќе не е валидно.
Тоа значи дека мак-навивачите без разлика дали ќе имаат билет или не за натпреварите со Украина и Австрија, ќе може да ја почувствуваат атмосферата во Букурешт, а што се однесува до билетите за овие натпревари подетално можете да прочитате на ОВОЈ линк.
Билетите ќе се продаваат по принципот прв дојден, прв услужен, а од претходно беше донесена одлука за приоритет за купување билети преку ФФМ за здравствените работници кои ќе покажат интерес за присуство на натпреварите.