НА „МОНДИЈАЛОТ“ ЌЕ СУДАТ ТРОЈЦА СРБИ И ЕДЕН СЛОВЕНЕЦ
Добар ден, среќен ден …
Меѓу 36-те главни судии и 63-те асистенти кои ќе судат на Светското фудбалско првенство во Русија 2018 се Милорад Мажиќ (Србија-главна листа) и Дамир Скомина (Словенија-главна листа) и судиите-асистенти Далибор Ѓурѓевиќ и Милован Ристиќ (Србија)
FIFA Комитетот за судии ги избра главните и судиите-асистенти кои ќе ги водат фудбалските натпревари на „мондијалот“ во Русија 2018. На единствената листа (ВИДИ ФОТО) се наоѓаат 36 главни судии и 63 асистенти судии кои се претставници на 46 држави.
Меѓу избраните 36-те главни судии и 63-те асистенти се имињата на Милорад Мажиќ (Србија-главна листа) и Дамир Скомина (Словенија-главна листа), а судии-асистенти се: Далибор Ѓурѓевиќ и Милован Ристиќ (Србија).
Инаку, на почетокот во конкуренција беа 53 судии од целиот свет кои своите подготовки за „мондијалот“ ги почнаа уште во септември 2014 година. Низ филтерот поминаа најдобрите, психолошки најподготвените и – најсреќните!!!
Изборот на последната група судии се базираше на вештините и личноста на секој судија, на нивото на неговото разбирање на фудбалската игра и способноста „да се прочита“ играта на фудбалерите. За време на селекцијата во последните три години беа одржани подготвителни семинари за судиите и асистентите судии кои се фокусираа на фер игра, заштита на играчите и имиџот на играта, како и конзистентност и единство.
Избраните судии од страна на FIFA ќе присуствуваат на уште еден семинар што ќе се одржи втората половина на април во Техничкиот центар на Италијанската фудбалска асоцијација. Избраните судии ќе бидат поделени во две групи, кои ќе вклучуваат кандидати за видео асистент (VAR).
По овој семинар, Комитетот за судии на FIFA ќе ги објави имињата на судиите избрани да дејствуваат како VAR во текот на „мондијалот“. Процесот на селекција ќе го земе предвид искуството на кандидатот за VAR во домашните лиги како и учеството на натпреварите под капата на FIFA која почна да го реализира VAR проектот од 2016 година.
По семинарот во Италија официјално избраните судии ќе учествуваат на финалниот подготвителен семинар кој ќе почне десет дена пред почетокот на турнирот. Овој семинар исто така ќе ја покрива VAR технологијата.
За време на „мондијалот“ судиите ќе можат да се најдат во различни улоги, и тоа како главни судии, асистенти судии, четврт судија, резервен судија и судија на VAR технологијата.