КАКО СЕ СЛУЧИ ИЗБОРОТ НА КАТАР ЗА ДОМАЌИН НА „МОНДИЈАЛОТ“ ВО 2022 ГОДИНА
КАКО СЕ СЛУЧИ ИЗБОРОТ НА КАТАР ЗА ДОМАЌИН НА „МОНДИЈАЛОТ“ ВО 2022 ГОДИНА
ИЛИ
„МОНДИЈАЛ“ ОД СВЕТИ АРХАНГЕЛ МИХАИЛ ДО СВЕТИ НИКОЛА …!!!???
Неодамнешното приведување, апсење, сослушување, сведочење … или како милувате кажете го – на поранешниот претседател на UEFA, Мишел Платини – ја отвори „Пандорината кутија“ за изборот на Катар како домаќин и организатор на Светското фудбалско првенство во 2022 година (21 ноември, понеделник – 18 декември, недела)
Потсетувајќи се пишува: Мијалче Дургутов
Историјата на фудбалските Светски првенства почнала во 1930 година кога Уругвај бил првиот домаќин и организатор на првиот FIFA „мондијал“. На промоцијата играле 13 репрезентации (дури 7 од Јужна Америка, 4 од Европа и две од Средна Америка). Останува запишано дека на првиот „мондијал“ играла и селекцијата на тогашната кралска Југославија која стигнала до полуфиналето (пораз од Уругвај 6-1). Победник стана домашната репрезентација која во финалето ја победи Аргентина со 4-2.
https://www.fifa.com/…/archi…/uruguay1930/matches/index.html
Во наредните 90 години концепцијата на FIFA го зголемила форматот на квалификациите и бројот на учесниците на финалниот турнир. Историјата на FIFA бележи дека на „мондијалот“ во 1934 година играле 16 репрезентации, а во 1938 година играле 15. Поради Втората светска војна 1942 и 1946 година „мондијалот“ не се играл.
Во 1950 година бројот на учесниците бил 13, ист како и на првиот што, всушност, е најмал број на репрезентации кои играле на завршницата.
Во периодот од 1954 година до 1978 година, кога се одиграни седум Светски првенства, бројот на репрезентациите кои играле на финалниот турнир бил стабилен – вкупно 16 селекции.
Од 1982 година до 1994 година на четирите одиграни „мондијали“ играле 24 репрезентации.
Од 1998 година, па се до последниот „мондијал“ во Русија 2018 година, период во кој се одиграни шест „мондијали“, бројот на репрезентациите е стациониран на 32 учесници.
Досега се одиграни 21 Светско фудбалско првенство (1930 – 2018). Следното кое треба да се игра во Катар 2022 година е 22-ро по ред.
Во 2026 година, за првпат во историјата на FIFA, домаќини на „мондијалот“ ќе бидат три држави: Канада, САД и Мексико.
На јубилејот – 100 години од првиот „мондијал“ – во 2030 година, се предвидува домаќини и организатори да бидат финалистите на првото Светско фудбалско првенство – Уругвај и Аргентина. Во таа насока кампањата предводена од Меси и Суарез е почната.
КАКО ТЕЧЕШЕ ПРОЦЕДУРАТА ЗА ИЗБОРОТ НА КАТАР?
Согласно правилата и процедурата на FIFA, рокот за поднесување на кандидатура за домаќин и организатор на „мондијалот“ во 2022 година истекуваше во месец февруари 2009 година. Рокот го почитуваа седум држави: Индонезија, Мексико, Катар, САД, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја. Откако не успеаја да обезбедат писмени гаранции од владата на своите земји, од кандидатурата се повлекоа Индонезија и Мексико. Гласањето беше во декември 2010 година.
КАКО СЕ ГЛАСАШЕ?
За да се добие организацијата на „мондијалот“ во Катар, процедурата бараше просто мнозинство од вкупниот број на гласови на кои имаа право 22-ца членови на Извршниот комитет на FIFA. Во првиот круг гласовите беа поделени вака: Катар 11 гласа; Јужна Кореја 4 гласа; САД и Јапонија по 3 гласа; Австралија 1 глас.
Вториот круг помина без Австралија, а во него на гласањето испадна Јапонија. Во третиот круг на гласање испадна Јужна Кореја.
Во последниот круг гласање Катар ги победи САД со 14-8 и ја доби организацијата на „мондијалот“.
ОД 22 ЧЛЕНОВИ НА ИЗВРШНИОТ ОДБОР НА FIFA, ДУРИ 16 СЕ ПОД ИСТРАГА И ОБВИНЕНИЕ ИЛИ СЕ ОСУДЕНИ
По поразот од Катар „во финалето на гласањето“, Американците не останаа со скрстени раце. Највисоките истражни органи на САД почнаа со интензивна работа. Но, сепак, првиот „свиркач“ дојде од – Европа …!!!
Шест месеци по гласањето, некогашниот претседател на Фудбалската асоцијација на Англија, Давид Трисман јавно ги обвини Џек Ворнер (Тринидад и Тобаго) и Николас Лаоз (Парагвај), двајцата членови на ИО на FIFA, дека имале коруптивно однесување во однос на гласањето околу кандидатурата на Катар.
Според Англичанецот, Ворнер побарал четири милиони долари за наводна изградба на фудбалски едукативен центар во неговата земја, а Лаоз побарал да ја добие титулата витез како компензација за неговиот глас.
Паралелно, претставниците на Брегот на Слоновата коска и на Камерун во ИО на FIFA, беа обвинети дека примиле поткуп во износ од 1,5 милиони долари.
Под силен притисок на обвинението од кандидатурата за претседател на FIFA се повлече и Мохамед Бин Хаман, претседател на Азиската фудбалска конфедерација и личност која се третира како клучен играч во лобито за успехот на Катар.
„СКАПИОТ“ РУЧЕК НА ПЛАТИНИ …
Еден од членовите на ИО на FIFA кој гласал за Катар е и Мишел Платини, тогашен претседател на UEFA. Два месеца пред гласањето, Платини бил повикан од тогашниот претседател на Франција, Никола Саркози на заеднички ручек со емирот на Катар и со уште двајца влијателни личности од владата на Катар.
Ручекот се организирал во претседателската палата, нешто кое Платини никогаш не го демантираше, исто како што беше јасен во изјавите дека „на таа средба никој директно не му рекол како да гласа, но после тој ручек се очекувала неговата поддршка за Катар“ …!!!???
ИСТРАЖУВАЊАТА НА ЛОНДОНСКИ „ТАЈМС“ – 400 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПОНУДЕНИ ОД „АЛ ЏАЗАИРА“ ТЕЛЕВИЗИЈА
Новинарите на англискиот „Тајмс“ објавија документи со кои потврдија дека 20 дена пред гласањето за изборот на Катар, катарската телевизија „Ал Џазаира“ и понудила на FIFA 400 милиони долари за откупување на ТВ-правата за „мондијалот“, секако, доколку Катар го добие, нели? Во тој договор се обврзале да исплатат 100 милиони долари веднаш по евентуалниот избор на Катар. Некаде после 3-4 години, истата телевизија понудила дополнителни 480 милиони долари за истите ТВ-права, како дел од финалниот договор со FIFA. Овој наводен договор и понуда е во актуелна истрага на полицијата во Швајцарија.
„МОНДИЈАЛ“ ВО ЗИМА
Апсурдноста на изборот на Катар оди до бескрај. Поранешниот претседател на FIFA, Јосип Сеп Блатер кој падна токму заради Катар, веќе изјави дека „Изборот на Катар е грешка на FIFA“!!!
Дека е грешка, е грешка. Европејците мака мачат како да се прилагодат со националните првенства. Ние Македонците некако немаме такво гајле. Дури можеме (по малку) и да се радуваме оти ќе го гледаме „мондијалот“ распослан меѓу нашите два големи верски празници – Свети Архангел Михаил (21 ноември) и Свети Никола (19 декември).
Чисто информативно, „мондијалот“ во Катар треба да почне во понеделник (!?), а да заврши во недела. Ако се игра таму, нели?