И, ПОСЛЕ, СЕ ПРАШУВАМЕ – ЗОШТО АНГЛИЧАНИТЕ ГО ИЗМИСЛИЛЕ ФУДБАЛОТ …!!!???

Лига на шампионите (сезона 2018/2019)

И, ПОСЛЕ, СЕ ПРАШУВАМЕ – ЗОШТО АНГЛИЧАНИТЕ ГО ИЗМИСЛИЛЕ ФУДБАЛОТ …!!!???

Меѓу осумте најдобри во актуелната сезона на Лигата на шампионите се дури четири екипи од Англија – Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Тотенхем и Манчестер Сити, другите четири се Порто, Ајакс, Барселона и Јувентус

Си викам сабајлево, по преспиената луда фудбалска шампионска ноќ, дај, бе, да шарнам нешто за ова што се случува во Лигата на шампионите, колку да не ми зар`ѓа перото … Да се вратам малку (на)назад, да речеме некаде 2001 година. Да беше тоа во Милано кога на славниот „Ѓузепе Меаца“ или „Сан Сиро“, како милувате, финалето на Лигата на шампионите го одиграа Валенсија (со мозокот Мендиета) и Баерн Минхен (со Оливер Кан на голот) …

Тоа ми беше првото финале во живо, финале со кое почна приказната до бројот 10, приказна од Милано во која победи германскиот голман Кан кој одбрани неколку удари од белата точка … Откако, нели, се другото заврши по 120 минути игра … Пехарот замина за Баварија …

Моето 10-то финале (ВО ЖИВО) го гледав – ВО МИЛАНО …!!! Во 2016 година, на истиот славен стадион, феноменален натпревар одиграа двете шпански екипи, двете од Мадрид. Победи Реал предводен од Зинадин Зидан, изгуби Атлетико со Диего Симеоне на клупата …

Оваа уживанција си ја направив во друштво со Зоран Мишевски, спортски новинар на престижниот спортски сајт „Гол“. Ќе ми останат во сеќавање, долго, долго, неговите прашања до двајцата тренери упатени на прес-конференцијата по завршување на финалето, на шпански јазик …

Најново е што Ливерпул и Јирген Клоп ме расплакаа од радост. Ме наполнија со емоции, ме вратија во фудбалскиот живот. Ми вбризгаа инјекција која те бутка накај Мадрид, градот на финалето во 2019 година. Германскиот стратег, со легендарното капче на неговата глава, со фудбалскиот мозок што го носи со себе, ги напика Германците во нивниот сопствен 16-ник …!!!

Пресингот што фудбалерите на Ливерпул им го удрија на колегите од Баерн Минхен, и тоа – замислете – при нивно водство од 2-1 (им беше доволно да одиграат само 1-1) е нешто невидено, нешто кое не се памети во современиот европски фудбал. И самиот Нико Ковач, тренерот на Баерн Минхен, по натпреварот најчовечки призна дека „Ливерпул беше подобар противник на двата меѓусебни натпревари“.

Победата на Ливерпул ме врати 14 години назад, во 2005 година, кога со Димитар Ташев-Мице го гледавме во живо нај драматичното финале на Лигата на шампионите официјално прогласено како такво од UEFA. Играа Ливерпул-Милан. На полувреме Италијанците водеа со 3-0. По 90-те одиграни минути беше 3-3, на крајот победија – АНГЛИЧАНИТЕ …!!! Долго во таа ноќ Босфорот беше обоен во црвено, а низ улиците се пееше „You will never walk alone“ …!!!

Милан му се реваншира на Ливерпул за овој пораз две години подоцна. Во Атина, во финалето 2007 година, играа повторно истите ривали. Повторно бев и го гледав тоа финале во живо, нормално. Атина е поблиску од Истанбул, секако, ако ја мерите километражата од Скопје … Човек на финалето беше Пипо Инзаги со двата постигнати гола.

На новиот „Вембли“ во Лондон, во 2011 година, во финалето на Лигата на шампионите играа Барселона-Манчестер Јунајтед. Два тима кои сега се меѓу осумте најдобри. Во сезоната 2018/2019 година, нели? Тоа беше мое прво присуство на новиот стадион со старото име. Перфектен фудбалски храм. На стариот, легендарен „Вембли“, бев за време на EURO England 1996.

Во финалето на Лигата на шампионите 2004 година, моето второ присуство, имав можност да го гледам во живо Порто против Монако. На едната тренерска клупа Жозе Мурињо, победник со Порто (3-0), на спротивната страна Дидие Дешан, актуелен селектор на светскиот првак Франција. Гелзенкирхен беше фудбалската станица во таа шампионска година …

Тотенхем, Јувентус, Манчестер Сити и Ајакс, не сум ги гледал во Лигата на шампионите. Посакувам еден од нив, а реално би требало да биде така, да игра на големото финале во Мадрид (01 јуни 2019). Вториот финалист нека биде од другата четворка. А, мислам дека ќе биде едниот од англиските клубови – Ливерпул или Манчестер Јунајтед.

А, Барселона? Мислам дека тие се „уморни“, дека нема да ја имаат божицата на среќата зад себе, дека ќе налетаат на некоја „мина“ во двете рунди (четврт-финале и полуфинале), дека нема да успеат да го поминат, на пример, Јувентус или Манчестер Сити.

Инаку, од актуелните осум екипи кои се пласираа во четвртфиналето само Манчестер Сити и Тотенхем не успеале да го освојат трофејот на Лигата на шампионите или на поранешниот Куп на шампиони. Барселона и Ливерпул по пет пати победувале, Ајакс триумфирал четири пати (Куп на шампиони), Манчестер Јунајтед победил три пати, Јувентус и Порто по два пати.

Да не ги заборавам Гари Линекер и неговата историска изјава: „Фудбалот е игра во која Германците секогаш победуваат“ …!!! Прав си, легендо, ама понекогаш Германците победуваат и како тренери (Јирген Клоп), не секогаш како фудбалери (Ноер, Шуле, Хумелс и компанијата).

И, после се прашуваме – „Зошто Англичаните го измислиле фудбалот“? Почекајте до утре (петок, 15.03.2019 година) на пладне (точно 12,00 часот) кога од Нион ќе ги дознаете четирите двојки од четвртфиналето на Лигата на шампионите за сезоната 2018/2019 година … UEFA (ќе) ве почести со нова уживанција …

П.С. Во Лигата на шампионите трет пат се случува во четвртфиналето да има четири англиски екипи. Во сезоните 2007/2008 и 2008/2009 тоа беа: Арсенал, Челси, Ливерпул и Манчестер Јунајтед

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register