ФУДБАЛСКО ОБЕДИНУВАЊЕ ЗА НОВ ЈУБИЛЕЈ И НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ
ПЕТТА ДИМЕНЗИЈА
ФУДБАЛСКО ОБЕДИНУВАЊЕ ЗА НОВ ЈУБИЛЕЈ И НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ
Добиеното признание од ФФМ по повод јубилејот 25 години од првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација ме исполни со емоции, ме разнежи, ме потсети на убавите фудбалски времиња кога (фудбалски) се критикувавме, ама не се мразевме еден со друг, уште помалку бевме злобни еден кон друг …
Пишувајќи се потсеќа: Мијалче Дургутов
Саботното попладне (13.10.2018) во ресторанот „Казабланка“ и часовите поминати со Андон Дончевски и фудбалските репрезентативци од Крањ 1993 година, заедно со „седумината величенствени“ кои известуваа и фотографираа од тогашниот натпревар Словенија-Македонија (1-4), ме исполнија со емоции. Реченицата со која го отвори собирот и не благослови Дончо, можеби, е мотивацијата и за овој текст …
- Да сте ми живи и здрави сите вие кои сте тука. Секако, и оние кои не можеа да дојдат, а се дел од овој јубилеј. Посакувам сите ние да се собереме повторно на јубилејот – 50 години од нашата победа во Крањ, – рече Андон Дончевски.
Првата „боцка“ дојде од „новинарските кулоари“…
– Дончо, каде ти е Џиџи …!!!??? Остана денес без помошник …???
Покрај Никола Илиевски-Џиџи, помошник на Дончо во Крањ и на првиот циклус на квалификациите за EURO 1996 година, на масата ги немаше: Панчев, Бабунски, Чеде Јаневски, Саше Милошевски, Виктор Ефтимов … Точната евиденција ја направивме со Александар Стиков, новинар на македонското радио, кој со ливчето во рака ги читаше, а јас му потврдував кој е тука (на масата), а кој го нема … На масата го немаше и Драган Канатларовски-Цапар кој се приклучи подоцна кога експедицијата од Крањ излегуваше на теренот на градскиот стадион …
Тука, со нас, во ресторанот „Казабланка“, го немаше ниту Ангеле Велевски-Ане, тогашниот економ на репрезентацијата (го има на мега-постерот кој го објави „СКОК“ после натпреварот). На истиот тој постер и тука, со нас на масата, беше Слободан Несторовски-Мајсторот, секретар на „А“ репрезентацијата на тој дуел во Крањ.
На тој историски постер објавен од Неделниот спортски магазин „СКОК“ ги има и Лазар Плачков, помошен тренер, Часлав Божиновски, државен капитен и Душко Милевски, доктор на репрезентацијата. Тројца од таа историска експедиција кои повеќе не се меѓу нас, за жал. Починат е и спортскиот новинар Воин Трајковски кој од Крањ известуваше за весникот „Нова Македонија“.
На излегување на теренот на градски, неколку минути пред да бидеме најавени преку официјалниот разглас и да ги примиме признанијата, Дончо онака во негов стил, ме прашува:
- Мијалче, како е татко ти? Ристо, голманот на Брегалница, беше горостас меѓу стативите, – ми вели Дончо.
Додека му одговарав дека татко ми е починат пред не цела година, ни приоѓа Чоко Бошковски, а Дончо исто така го праша за некого на што Чоко кусо му одговори дека е починат …
- Е, доста е. Веќе не прашувам за никого … Со тага во гласот одговори Дончо …
Колку е да е тажно и патетично, и тоа е дел од животот. И тоа е дел од историјата напишана во Крањ. Починат е и првиот Генерален секретар на ФСМ по неговото осамостојување, Илија Атанасовски – Ико кој, секако, нели, беше во Крањ.
Два дена по примањето на признанието, кое ми е драго и кое вечно ќе ме потсеќа дека си дел од историјата на македонскиот фудбал, се потсетив на многумина кои се тесно врзани со тој датум (13.10.1993 година), а кои веќе не се физички меѓу нас … Ден пред натпреварот Македонија-Лихтенштајн (4-1) беше погребан Бранко Давидовски-Мајка, долгогодишен спортски новинар на Македонското радио и соработник на „СКОК“ и македонски спорт. Го сакаше Вардар и националниот тим од се срце. Со Лазар Плачков го водеа „Тимот на новинарите“ против „А“ селекцијата во ревијалните натпревари одиграни почетокот на 90-те години…
Сега се навраќам наназад, буричкам во личната архива со фотографии од пред 25 години, се трудам да го освежам убавото минато со се што може повторно да не поврзе и да ни ја врати надежта дека фудбалската игра во Македонија има перспектива … Најдов многу фотографии со имиња и презимиња кои се тесно поврзани со јубилејот од 1993 година …
Еве некои од нив, со надеж дека ќе ги препознаете на фотографиите … Љубисав Иванов-Ѕинго (претседател на ФСМ 1993) Ѓоко Атанасов (потпреседател на ФСМ 1993), Стојан Тренчевски, прв портпарол на ФСМ и член на УО, Бранко Костадиновски, еден од вработените во ФСМ со најдолг стаж (сега пензионер), членовите на УО на ФСМ од 1993 година – Темелко Ордановски, Ангел Митев, Пане Иванов, Трајан Бендевски, Ѓоко Угриновски, Боре Христов, Трајче Маџоски, Медат Бојнику, Димитар Босиљанов …
Членовите на Стручниот штаб на тогашната Млада репрезентација (под 21 година) од 1993 година: Јово Никушев, селектор, докторот Јордан Савевски, тренерите Алексо Мацков, Јордан Минов и Лазо Јовановски.
Веројатно некого ќе го испуштам или заборавам. Се надевам нема да се налутат. И, сето ова го правам со цел за – ФУДБАЛСКО ОБЕДИНУВАЊЕ. Најдобрата „А“ селекција има низа од 10 натпревари без пораз. Нешто кое не се памети во годините додека го градевме јубилејот. Селекторот Никола Ангеловски-Мрме ќе остане запаметен и по таа низа … Утре (16 октомври 2018) играме со Ерменија во Ереван. Се надевам и очекувам да ја продолжиме низата без пораз … И тоа нека биде аргумент плус за ФУДБАЛСКО ОБЕДИНУВАЊЕ …
Што подразбирам под тоа? Поддршка за „А“ тимот од сите нас за пласман на EURO 2020 година. Имаме реални шанси за тоа преку натпреварите во Лигата на нациите. Подразбирам и демократска процедура за избор на нов претседател на ФФМ по оставката на Илчо Ѓорѓиоски … Нека биде тоа избор по сите демократски правила, по сите нишани, со право на избор на еден од многуте. Нека биде пред очите на јавноста, пред новинарите. Нека биде со тајно гласање како што во јубилејната 1993 година за претседател беше избран Љубисав Иванов – Ѕинго, а за потпреседател Ѓоко Атанасов. Во таа трка учествуваа, и фер изгубија: Филип Ѓурчиновски, Трајан Бендевски, Мирослав Ѓеоргиевски, Ванчо Георгиевски …
Во тој контекст, на натпреварот против Лихтенштајн, на трибините ги видов поголем дел од претендентите за претседателската функција во сегашниот ФФМ: Сашо Тасев, Харлампие Хари Хаџиристески и Вујадин Станојковиќ. Го немаше единствено – Влатко Костов …!?
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4
Крањ (13 октомври 1993). Стадион на ФК „Живило“.Гледачи: 3.000. Жолти картони: Глиха (Словенија), Георгиевски и Најдоски (Македонија.
Судии: Драгутин Карло Пољак (главен), Дарко Цвитковиќ, Иван Петек (помошници) – сите од Хрватска.
Стрелци: 0-1 Бошковски 3. минута, 0-2 Панчев 37 (пенал), 1-2 Пате 40, 1-3 Јаневски 48 (пенал), 1-4 Канатларовски 51. минута.
СЛОВЕНИЈА: Марко Симеунович (од 58. Бранко Зупан), Грегор Жидан (58. Алфред Јерманиш), Џони Новак, Дарко Миланич, Грегор Блатник, Андреј Пољшак (61. Роберт Енгларо), Алеш Чех, Самир Зулич (37. Јанез Пате), Златко Захович, Сашо Удович (46. Примож Глиха), Матјаж Флоријанчич.
Селектор: Бојан Прашникар.
МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12. Горан Георгиевски, 73. Сашо Милошевски), Тони Мицевски.
Селектор: Андон Дончевски.