ПЕТТА ДИМЕНЗИЈА. СРЕЌНИОТ БРОЈ 10 …!!!

Пишува: Наташа Петровска Дургутов

Дека фудбалот е магија научив 2007-та во Атина, на моето деби во фудбалската Лига на шампиони (финале Милан–Ливерпул). Скромното новинарско фудбалско искуство пред 2007-та било само увертира на тоа што го почувствував во желудникот на Олимпискиот стадион во Атина.

Сите ракометни спектакли во Кале, па дури и оној кога ја освоивме Европа со Кометал Ѓорче Петров (нека ми простат пријателите од ракометот) паднаа во вода после 2007-та.

Тоа што го доживеав пред и по натпреварот со славните „миланези“ против секогаш големиот Ливерпул, ми ја „стави чивијата“. Без да жалам. Брзо заборавив на прекрасните ракометни моменти и посакав никогаш да не заврши фудбалската магија.

После Атина, скокнав до Москва на финалето од Лигата на шампионите 2008-та. Славниот стадион „Лужники“ ги нагости Манчестер Јунајтед и Челзи. Првпат во живо уживав во мајсториите на Крстијано Роналдо. Како денес се сеќавам кога во пенал завршницата Роналдо успеа да промаши пенал, а Манчестер, сепак, стана европски првак.

Увертирата на „Лужники“ продолжи месец дена подоцна на EURO 2008. Месец дена ја шетав Швајцарија и Австрија долж и попреку со возовите кои итаат покрај швајцарските планини. Во една таква тура се обидов да избројам колку фудбалски терени, залепени еден до друг, имаат Швајцарците. Беа повеќе од 30. Таа година, на моето прво Европско фудбалско првенство, како никогаш до сега, се изнауживав во мајсториите на фудбалските икони, дружејќи се со навивачите на Холандија, Франција, Италија, Германија, Португалија …

Во 2009-та следуваше финалето на „Олимпико“ во Рим. Повторно Манчестер Јунајтед, но овој пат против големата Барса. Тогаш Меси беше центарот на светот, кога со неговите 163 се дигна над високиот бедем што го чинеа Фердинанд и Видиќ и ја смести топката во голот.

Од тогаш, па до деновите на SUPERCUP SKOPJE 2017 остана само желбата за повторна средба во живо со фудбалските магионичари. Пропуштив неколку големи настани за кои УЕФА и ФИФА ме удостоија да ги следам во живо, но тоа е … Жените за разлика од мажите имаат уште една голема обврска во животот – да станат мајки!!!

Да се вратам на насловот, да се вратам на среќниот број 10.

По десет години од моето прво финале, повторно сум тука. Дел од фудбалската магија, дел од фудбалските икони. Повторно ми врие во стомакот, ми се солзат очите, ми доаѓа силно да викнам: „ТЕ САКАМ МАКЕДОНИЈО“!!!

Горда сум што сите тие лица кои ги гледам на улиците, сите волонтери и стјуарди ангажирани од УЕФА околу организацијата на Супер купот, се среќни што ја имаат можноста да почувствуваат како е да си дел од еден ваков величествен фудбалски настан. Македонија може, Македонија знае, Македонија има капацитет да ги нагости големите Роналдо, Бејл, Марсело, Мурињо, Фергусон, Зидан, Рамос ….

И, на крајот кој сака да верува, многу поубаво се чувствував што имав можност на прес-конференцијата лично да му посакам добредојде во Македонија на единствениот и неповторлив Зинадин Зидан, отколку пред 10 години во Атина кога со разговор и фотографија ме удостоија Франц Бекенбауер, Карло Анчелоти и Рафа Бенитез.

П.С. Зошто среќниот број 10!!!???

Родена сум на 10-10 (октомври), станав мајка 2010, а оваа фудбалски историска 2017 година за Македонија, славам 10 години јубилеј од моето прво дружење со фудбалските генијалци.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register