420 БРОЕВИ + 4 ДНЕВНИ ГОДИНИ + 23 + „СКОК ПЛУС“ = SPORTMAGAZINSKOK
За оние кои ги буни насловот:
Се почна со првиот број на неделното издание кое се појави на 28.08.1991 година. Во таков стил „СКОК“ дотурка до 420-от број кој излезе на 08.09.1999 година – Денот на независноста на Република Македонија.
Продолжи со дневно издание во наредните 4 години и 2 дена, кога со одлука на Стечајниот совет на НИП „Нова Македонија“ А.Д. беше вратен да излегува како неделно издание. На 10.09.2003 година излезе 421 број на неделното издание „СКОК“ со што продолжи неговата традиција. Со турбулентен состав „СКОК“ продолжи да излегува во наредните 23 броеви (до 18.02.2004 година) кога започна неговата трансформација од аспект на сопственичката структура.
На 30.04.2004 година излезе ново издание со делумно старо име – првиот број на „СКОК ПЛУС“ Како такво изданието живееше до крајот на 2004 година.
На 28 август 2006 година, денот кога „СКОК“ слави јубилеј – 15 години од своето постоење – го имаме електронското издание SPORTMAGAZINSKOK. Во името на насловот и традицијата, а во склад со објективните можности на новите сопственици на брендот и на електронското издание, се потрудивме да презентираме дел од „жолтите страници“ на „СКОК“ складирани како негова скромна архива. Колку за потсетување на сите оние спортисти и спортски работници, познати јавни личности дефинирани со име и презиме, и нивниот став искажан во даден момент што останува како траен белег за нивното присуство на страниците на „СКОК“ во изминатите 15 години.
ОД УРЕДНИШТВОТО
СКОК број 42 (10 јуни 1992 година)
Дарко Панчев, фудбалер на Интер(Милано):
IO SONO MACEDONO!
„Иако патувам и играм фудбал низ цел свет во населбата Кисела Вода ми остана детството. Таму ми се срцето и душата. Најискрено ви велам: одвај чекав да заврши првенството. Средбите со старите пријатели посебно ме радуваат и емотивно ме хранат“.
СКОК број 55 (9 септември 1992 година)
СЛОГА ЈУГОМАГНАТ КАКО РЕАЛ МАДРИД!
За четири освоени бода „југомагнатите“ добиваат по 30.000 денари, а за сите осум во еден циклус претседателот на клубот Рафет Муминовиќ ги наградува со по 250.000 денари. Во Балкан Стококомерц за осум освоени бодови фудбалерите добиваат по 200.000 денари, а во Вардар по 170.000
СКОК број 135 (23 март 1994 година)
АНДОН ДОНЧЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ФУДБАЛСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
„ЛИСИЦАТА“ ВЕРУВА ВО СВОИТЕ ДЕЦА
СКОК: Дали, како држава од една страна, и како ФСМ од друга страна, сме подготвени да одговориме на обврските што ги бара „А“ репрезентацијата?
Андон Дончевски: Државата и националниот фудбалски сојуз ни се во таква состојба во каква што се. И со актулените услови што ги имаме, иако мошне скромни и сиромашни, ние мораме успешно да ги спроведеме подготовките од сите аспекти. Ние сме должни да го направиме тоа, бидејќи се нафативме на орото и сега мора да го играме.
СКОК број 178 (18 јануари 1995 година)
ПЕПИ МАНАСКОВ – ЗАБОРАВЕН ВО ТУЃИНА
СКОК: Зошто не настапивте на „Трофејот Македонија“?
Пепи Манасков: Не настапив затоа што никој не ме покани. За одржувањето на „Трофејот на Македонија“ дознав од мојот кум, а последниот официјален контакт со луѓето од РСМ го имав минатата пролет и тоа со директорот на репрезентацијата Марјан Начевски. Еве, речиси цела година немам контакти со нив и уште никој не ме побарал!!!???
Луѓето со кои повремено телефонски се слушам ми рекоа дека селекторот Атанасовски на едно прашање поставено во емисија на МТВ – зошто не сум играл на „Трофејот на Македонија“ одговорил дека јас во тоа време „сум играл напревари за мојот клуб Хемел, па поради тоа и не сум можел да дојдам на турнирот“. Тоа не е точно и не знам кој му го рекол тоа. Редно беше барем да ми се јават и да ме поканат за учество во репрезентацијата, па макар и да не дојдам.
СКОК број 186 (15 март 1995 година)
ВРБИЦА СТЕФАНОВ НЕ САКА ДА ИГРА ЗА КОШАРКАРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
НЕ ТРПАМ ПОТЦЕНУВАЊА !
СКОК: Дали сакате да играте за македонската репрезентација?
Врбица Стефанов: Да! Никогаш се сум помислил да одбијам да играм за репрезентацијата, но поради мојот досегашен третман, го сторив спротивното. Моите досегашни игри потврдуваат дека заслужувам повеќе да играм и токму затоа имам сила да му кажам „не“ на селекторот. Не е точно дека не настапувам заради парите, како што кажа еден член од УО на КСМ. Никој не игра во репрезентацијата за пари, бидејќи е чест и гордост да се носи дресот со државниот грб.
СКОК број 192 (26 април 1995 година)
ЉУБИСАВ ИВАНОВ – ЅИНГО, ПРВ ЧОВЕК НА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ
И ДУША ЛИ ДА ДАДАМ ?
„Во фудбалот си како во магична кутија: ако еднаш се инфицираш – спас нема! За редот и дисциплината и газдинското однесување. Досега направивме многу, но ни престои уште повеќе работа за да одим
СКОК број 203 (12 јули 1995 година)
ИЛИЈА АТАНАСОВСКИ-ИКО, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ФСМ
„ЦАРСКИ РЕЗ“ ЗА ПОДОБРО УТРЕ
СКОК: Што е суштината на одлуката на УО на ФСМ со која го прогласи првенството за нерегуларно?
Илија Атанасовски: Суштината е јасна: да се спречи вложувањето на средства во купувањето и договарањето на натпреварите, односно еднаш за секогаш да и се застане на патот на таквата пракса. Секој ваков или сличен „царски рез“ е мошне тешка работа. Но, еднаш и од некого мора да се почне.
СКОК број 222 (22 ноември 1995 година)
РАКОМЕТАРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР – КАКО ВО СТАРИТЕ ДОБРИ ВРЕМИЊА
БИТОЛА „ГОРИ“ ОД РАКОМЕТ!
Битола беше и останува најракометен град во Македонија. Но, по последните успеси на ракометарите на Пелистер, во првенството, во националниот куп и во Купот на победниците на куповите, ракометот во вистинска смисла на зборот ја „запали“ Битола!
Во градот, за натпреварите се бара карта повеќе. Овие недели се повторува атмосверата од 70-те години кога Пелистер по успехот во квалификациите се пласираше во Првата сојузна лига на СФРЈ. Во тие години, кога Пелистер играше на свој терен, професорите ги пуштаа од часовите учениците – за да гледаат ракомет, бидејќи и без тој потег – ученичките клупи се празнеа. Истото се случува и денес…
СКОК број 238 (13 март 1996 година)
ЛЕНАРТ ЈОХАНСОН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА, НА ГОСТИ ВО СКОПЈЕ
ФУДБАЛ СЕКАДЕ И ЗА СЕКОГО
Разговараше: Живко Здравковски – Жиле
СКОК: Како дојде до реализација на посетата на ФСМ и на нашата земја и каков е вашиот впечаток?
Ленарт Јохансон: Посетата на вашиот фудбалски сојуз и на вашата земја беше одамна во мојата програма, а во првиот слободен термин во последните неколку години најдов време да го реализираме тоа. Во последните две години имавме чести средби со вашето раководство и неколку директни средби при што ја договоривме оваа посета. Инаку, мојот многу добар личен пријател Тихомир Илиевски во детали ми ја објасни фудбалската ситуација во вашата земја и тоа многу ми помогна.
СКОК број 264 (11 септември 1996 година)
ДО КАДЕ ЌЕ СТИГНЕ ВОЈНАТА МЕЃУ ВАРДАР И ФСМ?
ЈАРЦИ НА МОСТ
Казните на ОФС кон ФК Вардар си течат. Вулгарното навивање продолжува. Продолжуваат и пријавите на делегатите на натпреварите вои однос на тоа навивање. Излез од непотребниот дуел се уште не се гледа. Како јарци на мост заинатени двете страни. ФСМ со Ѕинго на едната, и Вардар на другата страна. Така парите од трансферот на Гигец полека се топат во Силекс банка, односно од контото на Вардар полека минуваат на контотото на ФСМ. Од друга страна, не само на Градскиот стадион во Скопје, туку и на оној во Кратово ечи познатиот слоган „Ѕинго педер“.
СКОК број 273 (13 ноември 1996 година)
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП ФРАНЦИЈА 98: ЛИХТЕНШТАЈН-МАКЕДОНИЈА 1-11
ГОЛ ПО ИГРАЧ ЗА ИСТОРИЈА
Мијалчо Дургутов (Специјален известувач на „СКОК“ од Вадуц)
Стадионот „Спорт Парк Есхен“ ќе остане запишан со „златни“ букви во мак-фудбалската историја. Беше прекрасно да се биде дел од македонската колонија која допатува во Лихтенштајн – држава без државни граници – во градот Вадуц кој брои 5.600 жители. Околу 2.500 македонски навивачи уживаа во головите и мајсториите на нашите репрезентативци кои ни подарија вредна победа за историја на нашиот репрезентативен фудбал.
СКОК број 306 (2 јули 1997)
ПЕПИ МАНАСКОВ СЕ ВРАТИ ВО ПЕЛИСТЕР
ДОСТА Е ВО ТУЃИНА
– Се вратив во македонскиот ракомет поради повеќе причини. Јас сум семен човек, со две деца. Германија е „ладна“ земја, постојано седевме дома, времето често беше врнежливо, климата не беше поволна за нас, пријателството со соиграчите беше само на професионална основа. Во градот Хамелн немаше ниеден Македонец. Се дружев со еден Црногорец и еден Србин, сопственици на ресторани. Можев да останам во Германија, но не сакав, а и годините си го прават своето.
Тешко дека повторно ќе одам во странство, иако спортски добро се чувствувам. Квалификациите за ЕП се последна шанса на мојата генерација да настапи на едно големо натпреварување. Имаме реални шанси да се пласираме на ЕП. Подмладувањето во „А“ репрезентацијата е добро. Ни требаат младите играчи кои ја оправдаа довербата на реванш мечот од претквалификациите за ЕП. Време е да им се даде шанса, – вели Манасков.
СКОК број 326 (19 ноември 1997 година)
ХАРЛАМПИЕ ХАРИ ХАЏИРИСТЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФК ПОБЕДА
ПРИЛЕП Е ФУДБАЛСКИ ГРАД САМО НА ХАРТИЈА!
– Победа ужива висок рејтинг надвор од границите на нашата земја. Нејзиниот имиџ еграден години наназад и е уште препознатлив со нашето деби во Европа. Чест ми е и истовремено обврска да се претставам дека сум претседател на Победа во било кој фудбалски или нефудбалски град. Сите го знаат Прилеп како најфудбалски град, но всушност тоа е така само на хартија. Во практиката е сосем поинаку …, – вели Хаџиристески.
СКОК број 338 (11 февруари 1998 година)
МИТКО СТОЈКОВСКИ-НОВОПЕЧЕН ПРОФЕСИОНАЛЕЦ ВО БУНДЕС-ЛИГАТА
ГОСПОД ВРАЌА СЕ!
СКОК: Како гледаш на твојот трансфер во Штутгарт, и што е поважно – парите или клубот?
Митко Стојковски: Секој професионалец игра за пари и поскаува што поголем трансфер, меѓутоа во конкретниот случај за мене е голема сатисфакција што ме побара еден клуб од реномето на Штутгарт, така што во овој момент парите не ми се важни. Мислам дека преминот во Штутгарт е многу поважен од фудбалски аспект бидејќи ќе можам да играм во континуитет со силни противници, можеби во најсилната лига во Европа.
СКОК број 351 (13 мај 1998 година)
ЃОКО ХАЏИЕВСКИ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО КРАТОВО
ОД АСФАЛТ НА КАЛДРМА
Зошто „човекот за рекорди“ од Битола преку Скопје, Софија и Нови Сад се пресели во Кратово? Може ли финансискиот фактор да биде мотив број 1? Дали Хаџиевски ги враќа старите долгови? Заслужува ли селекторот на македонската репрезентација да го поистоветуваа со Ѕинго и да му викаат „Ѓоко педер“?
Што е тоа што го „боцкаше“ Хаџиевски својот шарм, својот светски парфем, очилата за сонце, елеганцијата на босовите одела да ги рашетува по кратовската калдрма?
СКОК број 423 (24 септември 2003 година)
ГОРАН ПАНДЕВ, ПРЕД ДЕБИТО ЗА ИТАЛИЈАНСКАТА АНКОНА
НЕКА МУ ЈА МИСЛАТ ГОЛМАНИТЕ!
СКОК: Како е во новата средина, во Анкона, чиј член стана пред два месеца?
Горан Пандев: По калењето во младиот тим на Интер, чиј член сум до 2006 година, „неро-азурите“ решија да ме позајмат на Анкона каде имам идеални услови за надградба. Тоа е добар предуслов за да во блиска иднина с евратам во Интер и да заиграм за првиот тим на Интер, што моменто ми е најголема желба. Од условите сум презадоволен, па очекувам да дебитирам во италијанската прва лига и, нормално, да почнам да давам голови. Затоа, велам, нека му ја мислат голманите …
СКОК број 434 (10 декември 2003 година)
ЖРЕПКА ЗА СП 2006 ВО ФРАНКФУРТ (ГЕРМАНИЈА) – РАЗГОВОР СО ДЕЈВИД РИДРИГО, СЕЛЕКТОР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА АНДОРА
ОЧЕКУВАМЕ ДА ЈА ИЗНЕНАДИМЕ МАКЕДОНИЈА!
Мијалчо Дургутов (Специјален известувач на „СКОК“)
СКОК: Какви се Вашите очекувања од дуелите против македонската репрезентација?
Дејвид Ридриго: Очекуваме да ја изненадиме Македонија!? Да, тоа е моето размислување. Ако можеше да ве изненади Лихтенштајн, не гледам причина истото да не го направиме и ние, – ни рече Дејвид Родриго, кој го најави своето доаѓање во Македонија многу порано пред одигрување на натпреварот со нашата репрезентација.