IN MEMORIAM – ТОМИСЛАВ ДИМОВСКИ – БУЧКА (1929-2019)

IN MEMORIAM

ТОМИСЛАВ ДИМОВСКИ – БУЧКА (1929-2019)

ЗАМИНА ШАМПИОНОТ ОД 1949 ГОДИНА …!!!

Замина шампионот од 1949 година. Почина фудбалерот-младинец на ФК Вардар, родениот скопјанец Томислав Димовски – Бучка. Долгогодишен фоторепортер на дневниот весник „Нова Македонија“ каде го помина целиот свој работен век оставајќи куп фотографии на значајни и познати имиња од светската политика и спортот.

– Ех, каде бевте вид двајцата кога јас го фотографирав Тито од два метри растојание? Сега вие ми кажувате за фотографирање, – знаеше да ни каже легендарниот Бучки мене и на возачот Сретен Стојановски – Сречко во миговите кога го задевавме дека, ете, денес за време на фудбалскиот натпревар не направил баш најдобри фотографии …

Со Бучки се знаевме од 1988 година кога се вработив во весникот „Нова Македонија“. Подоцна, во 1991 година кога се формираше Неделниот спортски магазин „СКОК“, станавме дел од тимот со Сречко. Тројцата знаевме да седнеме во кола и, во еден ден, од Скопје преку Свети Николе, Штип Струмица, Битола и Ресен – да стигнеме во Охрид. Бучки многу го сакаше Охрид …

Од неговиот „СКОК“-ов објектив излегоа илјадници фотографии. Од оние црно-белите кои сам ги развиваше и ги правеше во фото-лабараторијата на „СКОК“ која, впрочем, и сам ја направи на 13-от кат на зградата на НИП-от (Дом на печатот), па се до последните кои ги правеше дигитално во „Диги принт“ … Една од тие фотографии е заедничката на Редакцијата на „СКОК“ на прославата на петтиот роденден (август 1996 година – Бучки стои петти од десно).

Бучки беше другар. Во дадени ситуации и повеќе од тоа. Знаеше да се шегува, често и на сопствена сметка. Знаеше да испие и една-две ракии, па малку пиво (или вино) после рибата кај Благој Истатов во Стар Дојран. Кога не му одеше, нарачуваше студена кока-кола и минути после тоа ја држеше меѓу рацете да се стопли … Иако беше највозрасен, ретко кога прв стануваше од софрата. Со него и Сречко, буквално не постоеше град или населено место во Македонија каде не бевме заедно и од каде тој немаше направено фотографија.

Го сакаше спортот, фудбалот најмногу. Фудбалскиот клуб Вардар му беше во срцето. Ѓоко Хаџиевски му беше омилен тренер, со право. Го гледаше Вардар и ги фотографираше неговите натпревари години по ред. Седнат на подвижното столче зад голот беше вардаров децениски декор.

Бучки беше активен фудбалер на ФК Вардар и подоцна на скопски ФК Металец. Во 1949 година беше дел од младинската екипа на ФК Вардар која стана државен младински првак на Федеративна Народна Република Југославија. Еве го тој состав: Тоде Георгиевски, Арсовски, Томислав Димовски-Бучка, Драган Дацевски, Христовски, Бранко Давидовски – Мајка (поранешен спортски новинар на Македонското радио), Атанасовски, Стевчевски, Ивановски, Миле Миланов и Хари Миновски.

Во една прилика, во домот на Борис Поп Ѓорчев (покоен), инаку поранешен долгогодишен новинар и публицист, меѓу другото и прв спортски новинар кој известувал од Светското фудбалско првенство 1958 година во Шведска, Бучки ни раскажуваше низ интервју за успехот постигнат во 1949 година (Бучки лево на фотографијата).
Играше и за ФК Металец (на фотографијата е шести од десно – снимена 1955 година).

Почивај во мир, стар другар. Вечна слава за тебе и твоите фотографии.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register

Scroll Up