ТОА Е ИСТОРИЈА … Нека остане запишано …

ЈУБИЛЕЈ ЗА РАДУВАЊЕ И ГОРДОСТ …!!!

Мојата маленкост, како уредник на фудбалската рубрика на Неделниот спортски магазин „СКОК“,  е еден од петте спортски новинари и двајцата фоторепортери кои на 13.10.1993 година известуваа од првиот официјален натпревар на македонската фудбалска репрезентација кога во Крањ, Словенија ги победивме домаќините со 4-1

Со фудбалската игра сум од мали нозе. Пораснат сум покрај ѕидот на игралиштето на ФК Брегалница од Штип, клуб во кој ја поминав пионерско-младинската школа и, за кратко, стигнав и до првиот сениорски тим. Бев селектиран и за кадетската репрезентација на Македонија играјќи на „Партизанската Олимпијада Фоча 1978 година“.

По завршувањето на Економскиот факултет решив (истрајав и успеав) да работам како спортски новинар во дневниот весник „Нова Македонија“ (1988-1991). Подоцна бев унапреден во уредник на фудбалската рубрика на Неделниот спортски магазин „СКОК“ каде поминав прекрасни моменти од 1991 до 2003 година …

Деновиве, кога македонскиот репрезентативен фудбал го одбележува својот јубилеј – 25 години од првиот официјален натпревар на македонската фудбалска репрезентација – се радувам и сум горд што сум ја имал таа можност, привилегија, задоволство, среќа … да бидам еден од петте спортски новинари и двајца фоторепортери кои известувале од овој историски фудбалски натпревар.

Низ фотографиите кои ги гледате и преку текстовите објавени во тогашниот Неделен спортски магазин „СКОК“ ќе ги дознаете деталите од овој историски натпревар кој е одигран на 13 октомври 1993 година во Крањ, Република Словенија. Нашата, македонска репрезентација, победи со 4-1.

Во оваа прилика, а со секоја чест и почит кон сите други чинители и сведоци на овој историски чин, ќе потсетам на петте спортски новинари и двајцата фоторепортери кои известуваа од овој натпревар.

Атанас Костовски – Таско (Македонска телевизија), Александар Стиков – Циго (Македонско радио), Воин Трајковски – Војче („Нова Македонија“-покоен), Драган Николовски („Вечер“) и Мијалче Дургутов („СКОК“). Фоторепортери: Роберт Спасовски („СКОК“) и Ѓорѓи Личовски („Нова Македонија“).

И, по последното мое осмо Светско фудбалско првенство Rusia 2018 и признанието кое го добив од Атанас Костовски преку неговата колумна (ми го честиташе преземањето на неговиот рекорд кога се во прашање „мондијалите“), најмногу се радувам и се гордеам на јубилејот кој е пред нас.

Ниту известувањата од шесте Европски фудбалски првенства кои се зад мене, ниту 10-те известувања од финалињата на престижната Лига на шампионите, ниту средбата со Пеле и интервјуто со Сер Боби Чарлтон, ниту средбите со многу, многу познати личности од светскиот фудбал, не ми се толку драги како фактот дека сум дел од почнувањето на историјата на македонскиот репрезентативен фудбал.

Најмногу се радувам и најмногу се гордеам што сум еден од спортските новинари кој известувал од првиот официјален натпревар на македонската фудбалска репрезентација.

Тоа не се заборава …

 

0 Comments

Leave a Comment

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register

Scroll Up