ФУДБАЛСКИ ПРИКАЗНИ ОД РОДЕНДЕНСКАТА РАБОТИЛНИЦА …

Добар ден, среќен ден … Убав ден за роденден – мој, разбира се …

Синоќа имав (само еден) хендикеп во однос на дуелот Реал – Јуве, а тоа е што немав среќа да го гледам во живо … Фасцинантен натпревар, дуел кој ретко се случува во фудбалскиот календар … Настрана тоа што Џиџи Буфон е мој миленик, личност која неизмерно ја ценам и почитувам, голман со минат труд кој ретко кој досега го има, да не речам – го нема …!!!

Натпреварот беше Хичкок-драма во три чина, со „трето (судиско) полувреме“, со црвен картон за Буфон, со пенал за Реал, со гол од белата точка на Роналдо, со пласман на „кралскиот клуб“ во полуфиналето … Двата гола (со удар со глава) на Марио Манџукиќ се ремек-дело кое им личи само на големите фудбалски мајстори. Меѓу нив, секако, е Манџукиќ …

Судијата (како му беше името!?), перфектен во однос на доделените жолти картони, прецизен во донесените одлуки (се до досудениот пенал), реален во дуел играта и досудените фаули, корнери, аути … Арно, ама, ПЕНАЛОТ …Хмммммм ….!!!??? Беше – не беше … !!!??? Дали мислите дека на ист фаул во 16-от на Реал, и при резултат 3-0 за Јувентус, судијата ќе „дувнеше“ пенал за Јуве? Тврдам – НЕ!!! Дали ќе имаше поништување на неговата одлука доколку на овој натпревар се користеше ВАР технологијата? Дилема во таа насока – останува …

Старото фудбалско правило вели дека е пенал – кога судијата ќе го досуди, нели? Прописите велат дека секој направен фаул во 16-от е пенал, нормално, ако е направен од тие што се бранат т.е. во корист на тие што напаѓаат …

Два момента синоќа, во очи на мојот 56-ти роденден, ме вратија во убавото фудбалско минато … Пеналот ме потсети на Светското првенство Јужна Африка 2010 година кога во четвртфиналето на Soccer Sity во Јоханесбург играа Гана – Уругвај. Селектор на Гана беше Србинот Милош Рајевац, а за Уругвај играа Луси Суарез и Диего Форлан. Во 90+ минута, во својот последен напад, Гана ги изработи Уругвајците, топката одеше кон празниот гол, мрежата веќе почна да се тресе и – оп, од никаде изникна на гол-линијата Суарез!? Со голманска парада ја фати топката со рака и спречи погодок со кој Гана ќе беше во полуфиналето. Судијата му даде црвен картон на Суарез и досуди пенал за Гана. Стадионот зовре. Вувузелите ечеа со сета сила за Гана, Африка навиваше за африканската репрезентација … Пеналот изведен со сета сила „ја скрши гредата“, топката се одби во поле, натпреварот заврши, се шутираа пенали кои го однесоа Уругвај во полуфиналето …

Слично беше возбудувањето на EUROP 2000 година кое го организиораа заеднички Холандија и Белгија. Во финалето играа Франција-Италија. Поубаво – здравје …!!! Во новинарската ложа бевме со Милорад Стојмановски – Мишел … За Франција играа играчишта предводени од Зинадин Зидан … За Италија играше Тоти, Малдини, Дел Пјеро, Пирло … Италијанците поведоа со 1-0 неколку минути пред крајот, и кога мислевме дека е готово, оп – два гола на Французите во буквално последните секунди на играта … Италијанците испопаѓаа на тревата во несвест, Французите славеа европска титула, станаа прваци …

На Светското првенство во Germany 2006 финалето го играа Франција – Италија (пак тие!!!???). Резултатот 0-0. Се играше финишот кога Зинадин Зидан со удар со глава во градите на Матераци го посла на тревата … Црвен картон за Зидан … Исклучување и крај на кариерата … НЕСЛАВНО …!!! Италија стана светски првак по изведувањето на пеналите …

Синоќа, Зинадин Зидан беше – човекот на ноќта! Не го прослави голот на својот тим. Не крена раце во знак на триумф. Остана „закопан“ покрај клупата. По последниот свиреж на судијата се стрча во тунелот и влезе во соблекувалната … Тоа е големина на еден вистински ас … Џиџи Буфон замина на истото место малку порано, ама не е помал ас ниту помала личност од Зидан … Џиџи е легенда која допрва ќе трае …

И, сега, што да ви кажам!? Дека – ФУДБАЛОТ Е МАГИЈА …!!!

Бидете поздравени и благодарам на роденденските честитки кои ми стигнаа од Австралија, преку Јужна Африка и Америка, и за оние кои „штипскиот ветар ги донесе пред мојата роденденска врата“ … Им благодарам на роднините и пријателите, на колегите, на другарите …

ЗДРАВЈЕ И СРЕЌА ЗА СИТЕ НАС …!!!

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Don't have account. Register

Lost Password

Register